Последниот лет на кралицата од Единбург до Лондон имал најмногу следбеници во историјата на Интернетот

Повеќе од пет милиони лица го следеа последниот лет на кралицата Елизабета Втора, чиј ковчег синоќа беше пренесен од шкотскиот главен град Единбург во Лондон.

Тоа беше лет што имаше најмногу следбеници во историјата на интернетот, соопшти веб страницата „Flightradar24“, што ги следи летовите на авиокомпаниите ширум светот.

Таа објави дека 4,79 милиони луѓе го следеле летот преку интернет, а уште четвртина милион лица на ЈуТјуб каналот.

Компанијата соопшти дека дури шест милиони луѓе се обиделе да го следат летот во првата минута од полетувањето на „ Boeing C17A Globemaster“ од аеродромот во Единбург, со што ја загрозиле стабилноста на платформата.

-Седумдесет години од првиот лет на кралицата со авионот „BOAC Argonaut „Аtalanta“, последниот лет на кралицата Елизабета Втора е најследен лет во историјата на „Flightradar24“, соопшти директорот за комуникации на компанијата во е-пошта.

Елизабета Втора, монархот со најдолг стаж во Велика Британија, почина на 8 септември во замокот Балморал во Шкотска, а нејзиниот погреб ќе се одржи на 19 септември во Лондон.

„Flightradar24“ објави дека летот го следеле двојно повеќе луѓе од претходниот рекорд, кога во август годинава „само“ 2,2 милиона лица го следеа летот на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на контроверзната посета на Тајван.