Последна вечер на 23. „OFFest“

Во Младинскиот културен центар денеска се одржа четвртата, завршна вечер на „OFFest“ во чии рамки беа концертите на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ (VOLOSI) со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем КАЛАТА (KALATA), како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД (NAKED), информираат организаторите на Фестивалот.

ВОЛОСИ, нагласуваат тие, е феномен на светската музичка сцена. Бендот е основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознале тројца исклучително талентирани традиционални музичари.

КАЛАТА е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој почнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ.

Името НЕЈКИД , нагласуваат организаторите, е синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска world-music сцена.