Последици од најавеното намалување на данокот на добивка
И стопанските комори и економските аналитичари се против селективно намалување на данокот на добивка од 10 на 5 отсто за компаниите кои имаат годишен профит од над 50 милиони евра. Ваквата интервенција ја сметаат за неуставна, но и за потег од кој државата ќе загуби пари во буџетот, а ќе привлече сомнителен капитал. Од Сојузот на стопански комори велат дека се за неселективен пристап и бараат евентуалното намалување да важи за сите компании.
Владата покажува елементарно непознавање на даночната сфера, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Тој потсетува дека од почетокот на оваа година на сила е таканаречениот глобален минимален данок, прифатен од 140 земји во светот, меѓу кои и Македонија, со кој ниту една мултинационална компанија не може да плаќа ефективна стапка на данок на добивка под 15 %. Ако кај нас плати помалку, разликата ќе мора да ја доплати во некоја друга земја каде што работи, вели Јовановиќ. Според него, со намалувањето на данокот на добивка за најбогатите фирми, губитник е Владата која ќе си скрати 20-тина милиони евра во буџетот, но и ќе добие санкции од ЕУ, а единствениот добитник ќе биде една домашна банка. Поради непочитувањето на меѓународните обврски, сериозни странски инвестиции ќе нема, а земјава ќе привлече само сомнителен капитал, вели Јовановиќ.
Спортивно на ова, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека неговата Влада ќе направи реформи на даночниот систем и уверува дека нема да има санкции, а земјата ќе има најниски даночни стапки во Европа. Аналитичарот Јовановиќ смета дека на Македонија итно и треба прогресивен данок, во кој богатите ќе плаќаат повеќе, по примерот на најразвиените светски економии.