Последен ден од министерскиот совет во Скопје

Огромен медиумски интерес во Скопје предизвика прес конференцијата на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров која траеше речиси час и половина.

Лавров на денешната прес-конференција во Скопје изјави дека годинава нема причина за славење на Самитот на ОБСЕ, бидејќи според него, ОБСЕ е пред колапс и дека сè она на кое се работело во изминатите години пропаѓа. Тврди дека 95% од говорите на западните земји на годинешниот Самит во Скопје биле концентрирани против она на што е базирано и основано ОБСЕ, а тоа е безбедноста и соработка околу неа.

Прашан дали се чувствува отфрлен, Лавров рече дека неговиот американски колега Ентони Блинкен е тој кој избегал од средба, што го прави кукавица.

На острите критики и обвинувања од Лавров експресно реагираше амбасадорот на САД во ОБСЕ Карпентер, кој кажа дека шефот на руската дипломатија ја префрла вината на погрешна адреса.

Карпентер наспроти тврдењата на Лавров за колапсот на ОБСЕ, тврди дека ОБСЕ ги исполнува своите очекувања, и не е пред никаков колапс, а тоа го потврдува и идното претседателство на Малта.

Лавров беше прашан и за коментар околу македонско-бугарските односи.. Рече дека не е експерт за конкретниот проблем, но оцени дека зад секој Балкански проблем повторно стои Западот. Тој ги обвини западните сојузници дека стојат зад сите актуелни и претходни проблеми на Балканот. 

Самитот во Скопје беше првиот настан по почетокот на војната на кој присуствуваа и Лавров и Блинкен, но тие не само што не се сретнаа, туку и целосно се разминаа, што според дел од дипломатите што учествуваа на состанокот, беше оценето како пропуштена шасна да се разговора за крај на војната во Украина.