Последен аплауз за доајенот на македонското глумиште Димче Мешковски

Беше единствен и неповторлив талент,во творечката биографија му се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби во различни жанрови.

Денеска во драмскиот театар во скопје се одржа комеморација за доајенот на македонското глумиште Димче Мешковски кој почина по долго боледување на 20 март, во неговиот дом во Лос Анџелес. Неговите колеги со носталгија се сеќаваат на Мешковски кој најголемиот дел од кариерата ги помина на даските во Драмскиот театар.

 

Наклонетоста кон комедијата му донесе голема популарност преку толкување на ликовите во претставите: „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“.

За улогата на Тасе во „Викенд на мртовци“, Димче Мешковски ја доби „наградата за актерско остварување“ а добитник е и на „Наградата за животно дело“.

Бесценет е ангажманот од неколку стотици ролји во радио-драми, народни приказни, забавните и хумористични емисии меѓу кои „Хихирику“ на Иван Карадак, како и многу телевизиските серии и емисии.

Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на македонската уметност на нахсинхронизација. Стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци, Нинџа желки, Попај, Штрумфови.