После првичната збунетост, Евопската Унија се буди во борбата против короната
Foto

После првичната збунетост, Евопската Унија се буди во борбата против короната

ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во своите механизми за борба со коронавирусот - НАТО усвои заедничка декларација.

Откако Унијата доби критики за задоцнетите реакции кон своите членки за здравствената криза, се чини како да се буди. Претседателката на ЕК Фон Дер Лајен веќе се извини на Италија ,а дополнително Европарламентот бара начини како да ги вклучи и земјите од Западен Балкан во борба против пандемијата со ковид -19.

Претседателот на ЕП Давид Сасоли во одговор на писмото на претседателите на парламентите на Западен Балкан вели дека пандемијата е тест за европската солидарност.

„Бидете уверени дека ЕУ веќе бара начини да го вклучи вашиот регион во своите механизми за одговор. Како претседател на Европскиот парламент, ве уверувам во мојата целосна поддршка за изнаоѓање на најдобри решенија за да бидете заштитени од негативните последици од оваа криза.Ако останеме обединети, можеме да излеземе посилни од кризата.“ - изјави Давид Сасоли претседател на ЕП.

Додека Еврокомесарот за проширување најавува економски план за развој на Западен Балкан на Самитот во мај - Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска го потпиша финансискиот пакет за Македонија вреден четири милиони евра за итни медицински потреби, како набавка на маски, вентилатори, комплети за тестирање, медицинска опрема и значителни количини на опрема за лична заштита. Ова е дел од 66 милиони евра кои беа најавени од еврокомесарот Вархеји како награда за земјата.

Во меѓувреме НАТО сојузниците , по состанокот на кој Македонија учествуваше за прв пат како полноправна членка, денеска објавија декларација со четири точки, посветени на кризата со коронавирусот и на операциите на Алијансата.

„Сојузниците се поддржуваат меѓу себе – вклучително и со медицински лица, болнички кревети, витална медицинска опрема, како и со најдобри практики и идеи за борба против оваа смртоносна болест. Вршиме воздушен транспорт на клучни медицински резерви насекаде низ светот, суштински материјали и клучна опрема од воени и цивилни извори и го насочуваме нашето медицинско, научно и технолошко знаење и ресурси за да помогнеме во испорачувањето иновативни одговори.“ - велат од НАТО.

Министрите за надворешни работи на 30-те членки на НАТО го задолжија највисокиот воен службеник во Алијансата Тод Волтерс да помогне борбата со коронавирусот. Првиот човек Столтенберг по завршувањето на состанокот изјави дека Волтерс ќе има задача да обезбеди помошта да пристигнува брзо во земјите што имаат најмногу потреба.

0 Коментари

Остави коментари