Поскапуваат горивата: Дизелот 5,50 денари, бензините 1,50
Дизелот скокна за 5,5 денари, бензините за 1,5 денар нова тура поскапувања на горивата. Одлуката ја донесе Регулаторна комисија за енергетика. Најголем скок има кај дизелот, кој ќе биде поскап за 5,5 денари и ќе се продава по 88 денари за литар.
Од полноќ, возачите ќе се соочат со следните максимални малопродажни цени на бензинските станици:
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 88,00 денари за литар.
ЕУРОСУПЕР БС-95: 87,00 денари за литар.
ЕУРОСУПЕР БС-98: 89,00 денари за литар.
Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 86,00 денари за литар.
Мазут М-1 НС: 42,168 денари за килограм.
Од Регулаторната велат дека причината за новото поскапување е растот на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари.
Регулаторна комисија за енергетика
„Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,59% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување сокомунален отпад на Република Северна Македонија од 06.07.2026 година. “ - пишува во одлуката на РКЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски, пред неколку денови рече дека Македонија статистички има убедливо најниска цена на горивата, но посочи дека цените на бензините и дизелот не зависат директно од владините политики.
Економскиот аналитичар, Абил Бауш вели дека инфлацијата е зауздана но посочува дека од секоја криза треба да се бара начин како да се регенерира подобра вредност во економијата. Краткорочните владини одлуки, според Бауш, беа добри но посочува дека државата на долг рок ќе треба да бара нови можности за подобра економија.
Владата на Србија донесе одлука за дополнително намалување на акцизата за нафтените деривати за пет отсто, со што вкупното намалување ќе изнесува 10 отсто.Мерката ќе важи до 19 јули, а е донесена поради зголемувањето на производствените цени на нафтените деривати, предизвикано од растот на цената на суровата нафта на светскиот пазар.

