Поскапува струјатa

Струјата поскапува. Оваа одлука е донесена доцна синоќа на затворена владина седница. Владата во заминување одлучила државните електрани произведената електрична енергија да ја продаваат поскапо на универзалниот снабдувач од цената која засега е актуелна и изнесува 57 евра за мегават час. 

 

Телевизија 24 од сопствени извори дознава дека цената на ЕСМ ќе биде неколку евра повисока од досегашната. Тоа значи дека понудената намалена маржа кога ја даде претходно ЕВН нема да влијае за да се намали цената за домаќинствата и малите потрошувачи... За ситуацијата да биде поделикатна информациите до кои дојдовме велат дека ЕСМ нема да го покрива целокупното количество на електрична енергија, туку на тендерот ќе понуди само 85 отсто, останатото количество универзалниот снабдувач ќе мора да го обезбеди од друга компанија. 

 

Претходно, сите очекувања беа дека цената на струјата ќе се намалува бидејќи на светските берзи има тренд на пад на цената на електричната енергија. Пред десетина дена претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски во интервју за ТВ 24 изјави дека крајната цена за домаќинствата ќе зависи токму од понудената цена на ЕСМ за универзалниот снабдувач. 

 

„Логично е ЕСМ да ги обезбеди 100 проценти од потребите нна домаќинствата и за тие мали потрошувачи што останале на регулираниот пазар. Бидејќи како и да е ЕСМ мислам дека и сега би имал пониска цена од таа што е на пазарот.“ - вели Бислимовски.

 

Без команетар денеска останаа и владините функционери, но и надлежните во ЕСМ. Јавноста остана без одговор на прашањето, која е причината што властите сега во ова време кога цените на берзите се прилично ниски, во споредба со оние од пред некоја година, и кога кризата со енергенси е замината да се решат на ваков потег.

 

Домаќинставата и малите потрошувачи новата цена официјално ќе ја знаат до крајот на овој месец. Во следните пет години ЕВН Хоум повторно ќе биде Универзален снабдувач со електрична енергија. А од ноември годинава планот на регулаторот е да наместо два часа евтина дневна тарифа да има три часа и тоа од 13 до 16 часот.