Пошта се дави во долгови, а директорите си ја зголемиле платата за над 50%

Додека вработените протестираа затоа што немаа земено плата, директорите на пошта си ги зголемиле сопствените плати за повеќе од 50 проценти. Тоа што пошта со години наназад работи со загуби не ja спречило Директорката Бујаре Абази во 2023 година да донесе одлука за покачување на примањата на директорскиот тим и тоа спротивно на законот.

Ова се само дел од шокантните откритија на државниот ревизор. 

- Во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состоба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менацерскиот договор може да се намалат." - Државен завод за ревизија.  

Според ревизорскиот извештај  за седум години акумулирана е загуба од 17 милиони евра. Утвредно е и дека  друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиската состојба. 

Ревизорите направиле анализа и на квалитетот на услугите и утврдиле ненавремена достава на пратки. 

- Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 проценти биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки, велат ревизорите. - Државен завод за ревизија.

Ревизорот исто така открива дека во 2021 година, за спроведување длабинско снимање на работењето на АД Пошта и изготвување физибилити студија, биле исплатени над 700.000 евра. 

Македонска пошта со години наназад е во катастрофална состојба. Граѓаните постојано се жалат од услугите, незадоволни се и вработените кои изминатиов период во неколку наврати протестираа за повисоки плати и подобри услови, а централана зграда на пошта пропаѓа и инфраструктурано, откако пред десет години ја зафати пожар  и оттогаш никој од надлежните не ја реставрираше за да ја стави повторно во функција. Последните најави се дека со помош на европски пари објектот ќе се реновира.