Посетата на Папата на насловните страници во светските медиуми

Историска посета на папата Франциск на Скопје, е заедничка оценка на светските медиуми кои денеска ја следеа неговата посета на земјава. Папата Франциск со посетата на Република Северна Македонија и на Бугарија сака да го сврти вниманието на проблемите со кои се соочуваат сиромашните и бегалците, објави Би-Би-Си.

Доаѓањето на папата на Балканот не е само од верска природа, наведува БИ БИ СИ и додава дека со оглед дека Ватикан е и држава, посетата има и дипломатски карактер. Сите активности од посетата на папата Франциск на земјава во живо, како и со текст и фотографии ги пренесуваше Ватикан њуз, официјалната медија мрежа на Светата столица. Информациите беа објавувани и на македонски јазик, а преносот одеше и на Јутјуб каналот на Ватикан њуз. Посетата на папата предизвика голем интерес и кај многу странски медиуми. Над 300 новинарски екипи беа акредитирани да ја следат посетата на папата Франциск. Грчката новинска агенција АНА-МПА јавува дека посетата на папата Франциск е во време кога Северна Македонија се движи по патот на европската интеграција.

„Пораката е важна бидејќи мултиетничкиот и мултирелигискиот карактер на земјата може да биде модел за другите места во регионот. Доаѓа по Преспанскиот договор и по решавањето на проблемот со Грција и Северна Македонија и тука има порака“. - пишува АНА МПА.

Оваа слика од Скопје ја виде целиот свет и сите ќе слушнат за Скопје, објавува Ројтерс Балкан.

„Посетата на папата Франциск е многу важна за Северна Македонија, бидејќи може да се каже дека е втор човек во светот по значење, по Трамп, и во таа смисла е историска. Доаѓа во момент кога Македонија воспостави добри односи со соседите, ги подобри односите со Грција и со Бугарија, има добри односи со соседите од поранешна Југославија“.

Папата Франциск повика на мир и соживот, папата се поклони и се помоли пред бистата на мајка Тереза, папата служеше миса на плоштадот во Скопје. Со вакви наслови одеа и дел од српските медиуми. И хрватските медиуми пренесуваат за посетата на папата. Вашата земја е преубав мозаик, Северна Македонија може да биде пример за многумина, јавуваат хрватските медиуми.