Посетата на папата Франциск ја следеа бројни гости, верници од странство

Папата Франциск го собра Балканот во Скопје. Хрватските верници беа најбројните и највеселите туристти. Со музика и песни околу 2 илјади Хрвати на плоштадот го дочекаа папата. На литургијата дојдоа и Црногорци, Бугари, Словенци. Македонците како домаќини од различни градови на државата секако беа најбројни. Иако во земјата помалку од 1% од населението се католоци, на литургијата дојдоа и граѓани од различна вероисповед, но и атеисти.

На плоштадот тешко се влегуваше. Преку осум контролни пункта и метални детектори се правеа проверки. Не смееше да се внесат чадори, метални пари, запалки. Се се оставаше кај првите контроли. Безбедноста беше на највисоко ниво. Папата се чуваше и од земја и од воздух. За неговата безбедност се грижеа и снајперистите што ги имаше на сите околни згради, но и неговите швајцарски телохранители, што секогаш го придружуваат.

Поради посетата на Папата сообраќајот се одвиваше во специјален сообраќаен режим. Рестриктивната зона на движење во појасот Голем ринг ги испразни булеварите околу центарот по кој се движеа само граѓани и полиција. За ваквиот дочек полицијата се подготвуваше со месеци, дел од обезбедувањето беше на обука во Ватикан, а и луѓе од таму две три недели беа во Скопје за да ја скенираат состојбата.