Порталот „Uslugi.gov.mk“ со рекордна употреба во септември
Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk во септември забележа рекордна употреба – во текот на месецот граѓаните и компаниите поднеле 27.345 барања за електронски услуги, што го прави септември убедливо најуспешен месец досега, надвор од услугата за ИКТ ваучерите со која беа услужени над 50 илјади студенти.
Со овој резултат, вкупниот број на барања поднесени преку Националниот портал надмина 400.000 и достигна 405.881 барање.
Континуираниот раст на користењето на порталот е резултат на проширувањето на бројот на достапни електронски услуги, поедноставувањето на постапките и сè поголемата соработка со институциите кои своите услуги ги прават целосно достапни онлајн.
Особено се издвојува одличната соработка со Државниот завод за статистика, со кој во изминатиот период беа дигитализирани и ставени на располагање повеќе услуги, вклучително и услуги наменети за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека бројките покажуваат дека граѓаните сè повеќе ја препознаваат вредноста на електронските услуги.

