Поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се предаде на Блаце, спроведен е во затвор

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами по повеќе од една година во бегство и баран со меѓународна потерница, одлучи да се предаде на органите на прогонот, на ГП Блаце. На истиот начин како и поранешниот вицепремиер и обвинет Артан Груби во истиот предмет „Лотарија“ кој се предаде во февруари годинава. 

Гоце Андреевски-портпарол на МВР: „Денеска во 05.35ч на ГП Долно Блаце за влез во државата се пријави Перпарим Бајрами, баран со меѓународна потерница по наредба на ОЈО Скопје. Лицето е лишено од слобода и спроведено во КПУ Затвор Скопје.“    

Во скопското Обвинителство во тек се уште четири постапки против Перпарим Бајрами. Оттаму велат дека се прибираат докази и се вршат вештачења.

Основно јавно обвинителство – Скопје: „По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје против обвинетиот се води судска постапка. За него, по предлог на јавен обвинител, веќе е определена мерка притвор која е активна. Судската постапка во која тој е обвинет за кривично дело - Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик е во тек. Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.“  

Во тек е судскиот процес за овој предмет „Лотарија“ и завчера во судницата присутните обвинети се изјаснија за невини. Откако првообвинетиот Бајрами се предаде на органите на прогонот, Кривичниот суд денеска ќе му го достави обвинителниот предлог на увид. Рочиштата веќе закажани за  предметот „Лотарија“ на единаесетти и шестнаесетти септември се отповикуваат и расправата продолжува на осумнаесетти септември.

Основен кривичен суд – Скопје: „Управата на КПУ Затвор Скопје го извести Основниот кривичен суд Скопје дека Перпарим Бајрами, првообвинет во предметот поврзан со Државната лотарија, а кој се барање со меѓународна потерница, утрово, нешто по 7 часот е спроведен во затворот на издржување на претходно определената мерка притвор. Заради тоа судот, во текот на денов, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена.“ 

Претходно, Артан Груби по околу една година во бегство, откако влезе во Македонија беше спроведен во затворски притвор, а потоа Обвинителството му одреди мерка куќен притвор. На претходното рочиште во изјава за медиумите обвинителите посочија дека ги анализирале околностите на случајот. Покрај информацијата од МВР дека Груби е влезен во државата и барањето на одбраната за замена за куќен притвор - добиле и класифицирани информации од АНБ дека му е загрозена безбедноста. Обвинителите посочија дека станувало збор за комплексни информации за претходните две години па оттука и таквата одлука за куќен притвор.  

Обвинетите во случајот „Лотарија“ се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.