Порака на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен: Уставни измени треба да има

Речиси сме до отворање на првиот кластер - но прво уставните измени, кои вашата земја се согласи дека ќе ги направи. Ова е пораката на шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, од Скопје.

Според фон дер Лајен, целта е јасна – а тоа е отворање на кластерот Фундаментални вредности што побрзо. Се надева на заеднички дијалог на сите политички сили во земјава за придвижување на процесот на евроинтеграција. 

- Скоро сме на целта. Треба да поминат уставните промени на коишто вашата држава се согласи да ги направи. Се надевам дека со заеднички дијалог сите политички сили во земјата ќе се здружат и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок. Уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките коишто сè уште постојат.“ - Урсула Фон дер Лајен претседателка на ЕК. 

На прашање - дали за ЕУ е прифатлив францускиот предлог плус, односно уставните измени со одложено дејство, фон дер Лајен не одговори прецизно, но порача дека треба да се работи на уставните промени и дека не треба да се гледа премногу во минатото, туку во иднината. 

- Работам колку што е можно напорно за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот- Темелни вредности. Тоа е нашата краткорочна цел, која што сега сакаме да ја постигнеме. И навистина треба да се работи на уставните промени. За мене тоа е многу важно. Секако дека е во интерес на Северна Македонија да бидеме успешни и затоа сакам да ви потврдиме и да ве уверам дека ќе го изодиме секој чекор напред, за да можеме да дојдеме до нашата заедничка цел. Можете да сметате на нас и за мене е важно, да не гледаме премногу во минатото, туку да гледаме во иднината. - Урсула Фон дер Лајен претседателка на ЕК.

Ниту Фон дер Лајен, ниту пак Мицкоски не беа конкретни - каков е планот со уставните измени и дали воопшто е прифатливо за Брисел барањето за одложено дејство. 

Премиерот порача дека владата ќе работи напорно за да дојде до целта – членство во ЕУ, но дека бара решение коешто ќе биде во интерес на граѓаните кои ќе живеат водржава каде ќе владее правото и европските вредности, но без да бидат понижени и поразени.Ј а повика Европската Унија да помогне во изнаоѓање начини како да се продолжи европскиот пат.

- Ќе продолжам да работам исклучиво во интерес на граѓаните и за тоа што за нив претставува прв приоритет. А нивен прв приоритет е истовремено- да живеат подобро, да владее правото, да се постигнуваат реформи, европските вредности да бидат дел од нашето секојдневие, но истовремено да бидат зачувани гордоста, достоинството, да не бидат понижени и поразени. - Христијан Мицкоски премиер.

За време на кратката посета на Скопје, фон дер Лајен порача дека проширувањето и во следните 5 години од нејзиниот мандат ќе остане меѓу приоритетите, дека Макеоднија заврши одлична работа досега, а првата транша од Планот за раст треба да пристигне во земјава до крајот на годинава и изнесува 52 милиони евра од вкупно планираните 750 милиони евра.