Поради неконтролираната урбанизација, пожар во Лагадин за малку ќе завршеше фатално

Пожарот што пред два дена избувна во котлара на познат хотел во охридската населба Лагадин уште еднаш го вклучи алармот за безбедноста на граѓаните од ова место. Иако за среќа немаше повредени, а брзата реакција на хаусмајсторот спречи поголема катастрофа, настанот ги потврди сите црни сценарија на кои жителите предупредија само неколку дена претходно.

Според очевидци кои не исконтактираа ​големото противпожарно возило заглавило уште на самиот влез во населбата поради непристапноста на теренот,  стрмните и тесни улички, објекти и возила паркирани на секој чекор па пожарникарите морале да интервенираат со џип. ​Оваа драма се случи само два дена по протестот на локалните жители и еко-активистите кои бараа итно запирање на неконтролираната урбанизација и непланското градење на сместувачки капацитети, што ја загрозува безбедноста на жителите во населбата.

Според активистите проблемите во Лагадин не се само на копното. Мештаните веќе подолго време алармираат и за хаосот во водата — диво паркираните пловила, узурпацијата на плажите и опасните инциденти со глисери кои возат во непосредна близина на капачите.  

Од противпожарната единица во повеќе наврати ги имаат потврдено , маките со кои се соочуваат на терен особено во лето, посочувајќи дека тесните улички и непрописно паркираните возила се секојдневен ризик по животите на луѓето.

Апелираат до граѓаните да бидат совесни при паркирањето и да не ги блокираат пристапните улици и патишта, имајќи предвид дека во итни ситуации секоја секунда е важна и непречениот пристап на пожарникарите може да биде од клучноз значење за спасување човечки животи и имот.