Поради “Лев тахор“ жителите на Лакочереј најавуваат бојкот и нема да ги пуштаат децата на училиште

Ако до утре после пладне хотелот не ги дислоцира членовите на групата "Лев Тахор" селаните од Горно и Долно Лакочереј излегуваат на протест, а најавуваат и бојкот на наставата во локалното училиште.

Во знак на револт нема да ги пуштаат своите деца на школо.Вчера вечерта околу 100ина луѓе од двете села се сретнале со газдата на хотелот.Му ги кажале причините поради кои се бунтуваат. Тој им одговорил дека прави план за групата да биде преместена од селото.Селаните повторно потенцираат дека нивниот отпор е поради страв, бидејќи за Лев Тахор слушнале разни гласини во јавноста.

Од Еврејската заедница во земјава реакциите на Лакочерејци ги оценуваат како неверојатен говор на омраза кон група на луѓе која и мирољубива и не загрозува никого.

„Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици,

Од Еврејската заедница очекуваат Обвинителството, МВР, и Комисијата за заштита од дискриминација да преземат соодветни мерки против, како што велат „подбуцнувачите“ на омраза и ширење на фашизам, ксенофобија и антисемитизам.

Инаку членовите од групата според кажувањата на Лакочерејци во нивното село престојуваат од неделата вечерта, кога биле донесени со автобус околу 40ина луѓе и сместени во хотелот над Горно Лакочереј.