Поплави во делови од Македонија, евакуирани 180 луѓе од Кичево
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените. Од Општина Кичево велат дека прават се да им помогнат на поплавените.
Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен. Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Според податоците на Секторот за хидрологија при УХМР, зголемен е водостојот на сите реки во западниот дел од земјата, а се очекува и понатамошен пораст кај дел од нив. Се прогнозира висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде што е можно заезерување во Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во Гостиварскиот и во Тетовскиот Регион. Висок водостој се очекува и на самата река Вардар.

