Пописот и официјално заврши, а бројката на попишани во земјава не се искачи ниту до 1 милион и 900 илјади луѓе
По речиси 20 години Македонија конечно се преброи. Точно во 20 часот вчеравечер апликациите за попишување се затворија, a бројките покaжаа помал број на население од последниот попис во 2002 година.
По 26 дена статистичка операција попишани се:
1 . 832 . 696 лица
568 . 175 домаќинства
837 . 255 станови
А првичната бројка на попишани граѓани во земјава е и скоро идентична со бројот гласачи во Избирачкиот список кои имаат право на глас на локалните избори. Паралено со попишувањето во земјава се попишуваше и дијаспората:
- Во дијаспората се самопопишале 204 . 805 македонски државјани
Најголем дел од оние кои го искористиле правото на самопопишување се во Швајцарија, Германија, Италија и Австрија, додека помал е бројот во прекуокеанските земји. Бројот на оние кои одбиле да се попишат, според надлежните е минимален, и за нив дополнително ќе се постапува.
Според поранешниот директор на статистика, Дончо Герасимовски по 20 години земјава успешно ја спровела најголемата статистичка операција. Вели бојкотот не успеал, според него опфатено било целото население и пописот ќе ги покаже реалните бројки.
Но, и по затворањето на пописните места, и уверувањето на надлежните дека ореацијата имаше успешен крај - во јавноста се уште има реакции дека пописот можеби нема да даде вистинска слика за бројот на жители во земјата, како и за бројката на оние коишто ја напуштиле. И натаму на социјалните мрежи има граѓани кои тврдат дека не биле опфатени во операцијата.
И додека власта го поздравува усешното спроведување на пописот, од опозицијата ќе бараат отчет и одговорност за сработеното.
„После 20 години, имаме успешен попис. Заврши пописот попишани се преку 99 отсто од граѓаните.“ - велат од СДСМ.
„Со пописот и состојбата во која е сега, ќе се занимаваме по изборниот период кога ќе бараме отчет и одговорност што направила власта.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Левица, покрај бојкотот, најавија дека нема да го признаат резултатот кој треба да биде објавен идната година.
Во следните шест месеци следува анализирање, вкрстување, прочистување на податоците коишто беа прибрани за време на пописот, кој годинава за првпат беше спроведен со комбиниран метод. Оние, кои тврдат дека не биле попишани, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некои од базите кои ќе се користат при обработката на податоците.
Целосните резултати треба да бидат објавени до крајот на март 2022 година, но според најавите на надлежните истите може да бидат соопштени и до крајот на јануари.