ПОПИСОТ ДЕФИНИТИВНО СЕ ОДЛАГА ЗА АПРИЛ 2021 ГОДИНА

Уште непочната операцијата Попис се одложува. Наместо напролет следната година,  пописот ќе се пролонгира за 2021 поради предвремените избори. Од државниот завод за статистика барањето го образложуваат повикувајќи се на воспоставената меѓународна пракса и искуство, дека пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно. Барањето го испратиле до Министерството за правда кое е формален предлагач на законот за попис.

Државниот завод за статистика му предложи на Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада. Заводот за статистика е подготвен за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со Пописот со сите релевантни чинители во државава.

Од правда велат дека за нив е прифатлива секоја проценка на статистика.

Од владата велат дека ја очекуваат статистика да достави стручна анализа. И власта и заводот бараат законот да се донесе до крајот на оваа година пред формирањето на техничката влада која треба да биде позната до 3 јануари 2020. За да се случи тоа власта и опозицијата мора да ги усогласат ставовите. Опозицијата бараше пописот да се одржи во 2021 година според стандардите на Еуростат. На актуелниот предлог на власта најавија дваесетина забелешки. Пописот беше предвидено да се одржи во април следната година, но терминот се поклопи со предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април.