Попишани се 1.768.710 граѓани, оние кои не оствариле контакт со попишувачите да се јават во пунктовите за попишување во општините

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамед Хоџа, на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на последната 108 седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста.

Тие соопштија дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од склучување на Договор за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Со овој договор е предвидено САД да ја зголеми вредноста на грантот за партнерство со Северна Македонија од 8,2 милиони на 56,6 милиони долари, а Договорот ќе го потпише министерот за финансии Фатмир Бесими.

Овие средства УСАИД ќе ги додели во текот на следните 5 години за проекти за зајакнување на економската конкурентност, за зголемување на придонесот на младите во општеството, како и за проекти и програми за намалување на корупцијата.

На оваа седница портпаролите информираа дека Владата ја утврди мерит процедура за селекција и назначување на членови на управните и на надзорните одбори во јавните установи, односно воведување на транспарентност во постапката за пријавување и селекција, како и намалување на бројот на членови на управните и надзорните на јавните установи.