Попис: „Пробиена“ или „злоупотребена“ апликација за самопопишување
Foto

Попис: „Пробиена“ или „злоупотребена“ апликација за самопопишување

Група програмери кои живеат во Македонија, вчера успеале електронски да се попишат исто како да се наоѓаат во странство, а констатираните слабости ги објавија на нивната фејсбук страница Сојузен комитет на програмери на Република Македонија. 

„Некои од нас користевме ВПН алатка која е легална и бесплатна апликација. Некои успеаа преку обичен прокси сервер, некои преку друг браусер. Регистрацијата беше само со еден степен на заштита. Ниту ни пратија порака на мобилен, ниту ни побараа адреса во странство. Единствено нешто кое даде некаква сериозност на апликацијата е дека се бара матичен број уште во самата регистрација. Ние тестиравме и посочивме на проблемот. Се надеваме дека ќе спречиме милион други да ја злоупотребат апликацијата. Сите воочени проблеми како и решенијата за нив ќе ги испратиме до Државниот завод за статистика“. - Сојузен комитет на програмери на РМ.

Ова ја отвори дилемата на каква одговорност подлежат луѓето што ќе успеат да го измамат системот и да се самопопишат иако знаат дека не смеат да го направат тоа. А за Државниот завод за статистика (ДЗС) дилеми нема. Од таму велат дека внесувањето на податоци преку ВПН алатката или преку прикриена ИП адреса е спротивно на Законот за Попис и Методологијата на попишување.  

„Тоа претставува лажно претставување и лажно давање податоци. Секој корисник пред да ги запише податоците за регистрација мора прво да селектира дека се согласува со условите за користење на апликацијата за самопопишување. Според условите, корисникот се согласува неговите лични податоци да бидат обработени од страна на заводот. Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон“. - Државен завод за статистика.

Од Владата тврдат дека процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со самопопишување на граѓани што живеат во Македонија затоа што, како што велат од таму, споредбата на податоците со дата базите ќе ја откријат злоупотребата и таквите податоци ќе бидат избришани од системот. А опозицијата пак, денеска побра одговорност од директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски по откривањето на слабостите од страна на програмерите.  

Податоците прибрани преку електронски пат како и оние што попишувачите ќе ги соберат од теренот ќе се споредуваат со осум други бази на податоци. Така Заводот за статистика ќе може да види кои граѓани живеат во Македонија а кои надвор од неа.

0 Коментари

Остави коментари