Половина од пациентите во штипската болница се на кислородна поддршка
Над половина од пациентите во штипската болница се на постојана кислородна подршка. 28 пациенти буквално се борат за здив и имаат проблеми со нивото на кислород во крвта. Трет ден бројот на хоспитализирани на инфективното и кожното одделение во Штип е 56. Од таму велат, се намали притисокот врз болниците од Истокот, но се зголеми бројот на потешки случаи.
За сметка на тоа расте притисокот врз Ковид амбулантата каде дневно се прегледуваат и по 100 пациенти.
„За пациентите кои чекаат на преглед пред Ковид амбулантата, во текот на утрешниот ден ќе биде поставен шатор, донација од Црвениот крст. Во него ќе ставиме клупи и ќе обезбедиме греалки, за да им биде топло на пациентите, кои чекаат надвор пред Инфективното одделение“ - вели Ален Георгијев, директор на КБ - Штип.
Дека се намалил притисокот врз Ковид центрите од Истокот говори и податокот дека 21 кревет се слободни во болницата во Кочани. Таму во моментот се лекуваат 18 граѓани со потврден и еден соминителен случај на коронавирус.
Петмина се на кислородна поддршка. Статистички во регионот што гравитира кон Ковид центрите во Кочани и Штип активни се 1.738 случаи.