Политички проблем ги откажа трките од „Твинго купот“ во Серес, Грција
Foto

Политички проблем ги откажа трките од „Твинго купот“ во Серес, Грција

Викендов во Серес требаше да се возат петтата и шестата трка од „Твинго еврокупот“, кои носат бодување во централно-европската зона, како и во првенствата на Македонија и Словенија.

На нив требаше да настапат 40 пријавени возила и 148 учесници од Македонија, Словенија, Унгарија и Србија, но организаторите – „АКК рено спорт“ и Автомобилистичката федерација на Македонија беа принудени да ги откажат поради политички проблем. Во соопштението испратено од организаторите се вели дека отсуството на придавката „северна“ во името на федерацијата е она што се испречило.

„И покрај почитување на сите формалности и регулативи од страна на организаторот, како и предвремено исплаќање на сите организациски трошоци според договорот, без навремена најава во сабота наутро организаторите на тркачката патека по налог на грчката Автомобилска Федерација како и Министерството за надворешни работи на Грција не дозволија да се одржи настанот. Како образложение за забраната за трка е наведено дека причината е  спорот со називот на Автомобилистичката Федерација на Македонија која ја нема придавката „северна” согласно Договорот од Преспа потпишан помеѓу двете држави“ - стои во соопштението.

Интересно е што „АКК рено спорт“ досега има организирано две трки на патеката во Серес и досега немало ваков проблем. Од „АКК рено спорт“ информираат дека следниот меѓународен настап ќе го имаат на патеката „Гробник“ во Хрватска, викендот од 23 до 27 јули.

Со слична ситуација се соочи и Фудбалската федерација на Македонија, односно Грција реагираше до Европската фудбалска асоцијација зошто нашата репрезентација на ЕУРО2020 ја нема придавката „северна“ во името. УЕФА го отфрли ваквото барање на Грците, а главното објаснување е дека ФФМ како организација не е финансирана од Буџетот на државата.

За разлика од неа, Автомобилистичката федерација на Македонија од Агенцијата за млади и спорт за 2021. година има земено ваучер од 600.000 денари.

0 Коментари

Остави коментари