Политички пресметки или тајни разговори „зад радарот“?!

Партиски пресметки меѓу власта и опозицијата за деблокадата на европскиот пат – тајни разговори „зад радарот“ или политичка конструкција?

Опозициската СДСМ обвинува дека владата води преговори и тајно прифаќање на францускиот предлог, ВМРО ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата. 

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски денеска порача дека шефот на дипломатијата се демантира самиот себе, а кога нема резултати се заканува. 

Андреј Жерновски СДСМ : После 10 дена му текна да се демантира самиот себе и да каже дека СДСМ лажат. Не он. Откако ја среди состојбата во општина Аеродром, откако ја среди нашата дипломатија, ја среди состојбата во МНР, сега му дале задача да се занимава со домашната политика. И сега ќе се заканува на опозицијата, на граѓаните, дека шират паника. 

Од ВМРО ДПМНЕ му вратија : СДСМ да ја објави снимката од изјавата, за која тврдат дека - не постои.

ВМРО ДПМНЕ : Во однос на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пак се служи со наслови од медиуми, затоа што не може да најде ниедна изјава, затоа што таква изјава не постои. 

А дали постојат разговори зад радарот или не ?

Пред една недела во интервју за МИА, на прашањето – дека се работи „под радарот“ за отворање на патот кон ЕУ и кога може да се очекуваат резултати, Муцунски изјави дека од моментот на формирањето на владата се работи на решение, но детали од разговорите не може да бидат јавно објавувани.

Тимчо Муцунски МНР (03.08.2026 интервју за МИА): Ние често зборуваме дека разговори има, ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејки ако почнеме да ги споделуваме со јавноста, тогаш ги осудуваме на неуспех. 

Муцунски претходно на прес конференција, на прашање – што точно се преговара зад затворени врати и дали има поместување, изјави дека не се крие ништо, дека има постојана комуникација со членките на ЕУ, институциите во Брисел и официјална Софија, но содржината на разговорите не може да се споделува. 

Тимчо Муцунски МНР (24.07.2026): За сите средби е јавноста информирана, каде што, меѓу другото се зборува за изнаоѓање на решение. Содржината на тие разговори и деталите на тие разговори, секако не ги претставуваме поединечно пред јавноста. Бидејки ако деталите ги претставиме поединечно, тогаш би воделе преговори и разговори пред јавноста и тоа не би довело до никакво решение. 

А евроамбасадорот Рокас, пред еден месец, порача дека многу работа се прави „зад радарот,“ за деблокада на европскиот пат. Рокас изјавата ја даде како коментар на ставот на премиерот Мицкоски дека владата е подготвена на конструктивни чекори но без национални отстапки.

Михалис Рокас евроамбасадор ( 14.07.2026) :  Јас навистина се надевам дека работите ќе можат да се придвижат напред. Мислам дека веќе многу работа се прави зад радарот – која што не се гледа, се со цел да може да се завршат работите. Се надевам дека решение ќе може да се најде наскоро.

И додека власта и опозицијата си ја префрлаат топката за тоа кој кажал, а кој демантирал, европскиот пат останува блокиран. Разговори зад радарот можеби има, но резултат засега нема. Политичката топка се движи меѓу партиите, но Македонија останува на истото место – пред затворените европски врати.