Политичка бура по случувањата во Алта банка: Опозицијата бара одговорност
Додека гувернерот на Народната банка ја смирува јавноста со тврдења дека банката е „ликвидна и високо капитализирана“, опозициските партии влегоа во фронтален напад. Тие отвораат жестоки прашања за одговорноста на регулаторот, за заштитата на капиталот и за тоа колкава сума од народните пари е изложена на висок ризик.
Од ДУИ велат прашањето веќе не е само што ќе се случи со АЛТА банка, туку дали државата знае колку јавни пари се изложени на ризик, како тие завршиле таму и кој бил обврзан да ги заштити.
„Врз основа на кои критериуми и независни проценки се избирала АЛТА банка?Дали постоело директно политичко влијание врз раководителите на институциите?Дали воопшто биле анализирани ризиците поврзани со сопственичката структура на банката и зошто беа игнорирани евентуалните предупредувања?"- велат од ДУИ.
Од друга страна, ЛДП и Левица отвораат прашање за целосна неодговорност на надлежните регулатори, барајќи итно укинување на рестриктивните мерки и утврдување на целосна институционална одговорност за создадениот хаос. Оваа „жешка“ дебата за случувањата во АЛТА банка на релација власт–опозиција беше во фокусот и на синоќешната анализа на ТВ 24.
Како дополнување на случувањата, Собраниската комисија за финансирање и буџет одлучи да отвори и официјална надзорна расправа на оваа тема, со наслов: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.
ЖИако првичниот предлог од опозицијата содржеше формулација „за измамата на граѓаните“, таа беше отстранета по инсистирање на владејачкото мнозинство, со образложение дека Собранието не смее да презема улога на суд и однапред да носи обвинувачки заклучоци.

