Политичка битка и во судница

Заев против Николоски, Ковачевски против Чулев. Освен изборни, власта и опозицијата водат и судски битки. На ист ден, во речиси исто време во Основниот граѓански суд Скопје денеска беа закажани двете судски рочишта во кои премиерот Зоран Заев го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николски а директор на ЕСМ, Васко Ковачевски го тужи екс техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Иако премиерот денеска не се појави во судница тоа не беше законска пречка неговиот адвокат Лазар Сандев да ги даде завршните зборови, во кои меѓу другото наведе дека осудениот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ во револт изјавил дека парите од овој случај треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, изјава која беше основа Николоски подоцна да изјави дека премиерот е на чело на рекет вреден 20 милиони евра.

Лазар Сандев адвокат на Зоран Заев - „Слободата на изразување не е дадена како аполутно човеково право туку како релативно кое може да биде предмет на законско ограничување. И политичарите имаат право да го заштитат својот углед иако е точно дека тие треба да имаат повисок праг на толеранција кога се работи за политичка дебата“.

Николоски пак во своја одбрана наведе дека Заев никогаш не ја демантрил неговата изјава.

А рочиштето Ковачевски-Чулев денеска беше одложено поради отсуство на судијата. Адвокатот на Чулев, Ангел Гина изјави дека тужбата е беспредметна.

Ковачевски го тужи Чулев за изјава во која Чулев го обвинува Ковачевски дека додека беше директор на РЕК Битола извршил изнуда и барал поткуп од битолска фирма во замена за добивање тендер.