Политичарите се расфрлаат со бројки и прогнози, народот ги брои деновите до први!
Премиерот Христијан Мицкоски очекува априлската инфлција за основните прехранбени производи да биде до 1% во споредба со таа од месец март.
Во време кога синдикалната кошница секој месец се зголемува и граѓаните се изложени на зголемени трошоци за живот, премиерот вели дека активностите што Владата ги презема со Државниот пазарен инспекторат ќе вродат со плод.
Христијан Мицкоски, премиер на Македонија
- Важно е да се види за основните прехранбени производи како ќе се движи месечната инфлација спроедена со март. Она што го правиме со Државниот пазарен инспекторат не очекувам таа да биде поголема од 1% во однос на март. Побрзо да се стабилизираат работите да заврши конфликтот во Иран, да се отвори теснецот за да можеме и во рамки на глобалните случувања да имаме предвидливост.
Од друга страна, лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, вели дека граѓаните живеат во лоши услови а премиерот одбива да воведе било какви мерки за подобар живот на граѓаните.
Венко Филипче, лидер на СДСМ
- Премиерот одбива да воведе било какви мерки за било која категорија на граѓани, ранливи, пензионери, студенти, пензионери, земјоделци. Исто времено одбива да ја зголеми минималната плата. Синдикалната кошничка значајно поскапи минатиот период за април е скоро 69 000 денари. За четири месеци е зголемена за 3300 денари. Се е посакпено, буквално се а граѓаните се посиромашни.
Месечните покачувања забележани во синдикалната кошничка, дел од експертите велат дека ја прикажуваат и реалната слика за тоа како живеат луѓето во Македонија но и потребата од итно зголемување на минималната плата. Економскиот експерт Бранимир Јовановиќ вели дека доколку Владата сака да покаже дека се грижи за граѓаните треба да ја почитува синдикалната кошница и да реагира соодветно.
Бранимир Јовановиќ, економски експерт
- Вистинските пресметки се тие какви што се во синдикалната кошничка и мислам дека Владата мора да престане, ова не е прашање на политика и партија туку е прашање на животен стандард на тоа како живеат луѓето во таа држава. Ако се покачи минималната плата ќе имате минимално покачување на цените но ќе ги заштитите најсиромашните граѓани. Не само што ќе ги заштитите нив туку тие ќе трошат повеќе во економијата затоа што имаат пари и тоа повторно ќе им се врати на фирмите ќе им се зголемат профитите.
Вредноста на синдикалната минимална кошница за март годинава споредена со февруарската зголемена е за 436,00 денари. Зголемувањето на вредноста на синдикална минимална кошница за првите три месеци во 2026 година изнесува 2326 денари.

