Полициски час: Од среда од 16 часот до 05 часот, од петок од 16 до понеделник до 05 часот

Владата воведува нови ригорозни мерки во борба со коронавирусот, поради непочитувањето на досегашните. Од среда полицискиот час ќе почнува од 16 часот до 5 часот утрината секој работен ден – претстојниот викенд пак ќе го поминеме затворени во карантин, почнувајки од петок од 16 часот па се до 5 часот во понеделник.

Аптеките и здравствените установи ќе работат непречено, а исклучок од забраната за движење се полицијата, армијата и здравствените работници.

„За лицата над 67 години, забрането е движењето во текот на сите работни денови освен во периодот од 10 до 12 часот. Лицата до 18 години, смеат да се движат само во периодот од 13 до 15 часот. Се забрануваат собири на јавни места во групи поголеми од две лица, дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.“ - изјави Оливер Спасовски технички премиер на РСМ.

Годинава Велигден и Рамазан ќе ги поминаме дома. Не е дозволено да има големи собири, ниту пак собирање на роднини и гости – верниците, пораките ќе ги испраќаат од дома, преку телефон и интернет.

На секој поединец му е јасно дека живеењето е променето кажа Спасовски и порача да се почитуваат мерките за да не се донесат драстични рестрикции.

„Да, има разработени сценарија и може да очекуваме уште мерки, ама апелирам граѓаните да не постапуваат неодговорно за да видат дали има уште мерки! Колку поодговорни ќе бидеме во овој процес, толку мерките би биле полесни и толку пократко би траела целата ситуација на ширење на вирусот и толку помали би биле негативните ефекти врз економијата и врз државата. Секако, при носење на секоја од овие мерки во владата, истакнувавме дека зависно од тоа како ќе се однесуваат граѓаните колку ќе ги почитуваат мерките, колку ќе бидеме свесни за сериозноста на состојбата, толку повеќе и мерките ќе бидат зајакнати или ќе се намалуваат од првично донесените. Многу е важно таа одговорност да ја покажеме во момент кога треба да ја покажеме.“ - изјави премиерот Спасовски.

Во моментот бројот на заболени ја надмина бројката од 550 граѓани, а пикот допрва се очекува кон крајот на месецот. Според Владата секој нов сет на мерки, треба да значи ново отрезнување за тоа што значи сериозноста кон пристапот кон спречувањето на ширењето на коронавирусот и на зголемување на одговорноста.