Полициска акција за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи

Голема координирана акција на МВР. На повеќе локации Министерството врши претреси во рамки на истрагата за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц и Д категорија. 

МВР: МВР денеска спроведува координирана акција со претреси на повеќе локации поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за C и D категорија. Акцијата е во тек, со цел расчистување на случаите и обезбедување материјални докази.

Денешната акција следува по истрагата што Внатрешната контрола на МВР ја отвори минатиот месец, кога беше откриено дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачки дозволи на лица кои немале положено испит за управување камиони или автобуси. Потоа следувале и проверки за да се утврди колку службеници биле вклучени во шемата и колку возачки дозволи всушност биле издадени на ваков начин. Акцијата ја потврдија и од Обвинителството.

ЈОРСМ: Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР. Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик.

Иако, сè уште нема информации дали и колку има приведени или осомничени лица, сепак, неофицијално, според информациите до кои дојде ТВ 24, дел од приведените се вработени во МВР, дел управувале автобус со фласификувана возачка дозвола, а додека пак дел патувале со тешки товарни возила надвор од државата, исто така, со фалсификувана возачка дозвола.