ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ФИРМИ НА КАМЧЕВ
Foto

ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ФИРМИ НА КАМЧЕВ

МВР го истражува финансирањето на претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ, чија сметка е затворена без да се плати долг од над 400 илјади евра. Истражители денеска ја проверуваа документацијата во дел од фирмите на бизнисменот Орце Камчев, кои наводно во целата постапка се водат како оштетени, зашто ВМРО-ДПМНЕ не им платила за набавка на пропаганден материјал и за услуги за претседателските избори годинава. Според Обвинителството се работи за рана фаза на предистражна постапка. Под лупа се три фирми, две во Македонија „Монт“ и „Полиестердеј“ и „Горфактори“ од Шпанија.

„По наредба од надлежен суд и од обвините, денеска МВР е влезена во неколку фирми со цел да се изврши контрола, проверка на сите факти, аргументи кои се дадени во наредбата. Тоа е работа на полицијата која ќе влегува во сите фирми и ќе спроведуваме постапки за сѐ каде што ќе имаме сомнежи за криминал.“ - Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Од „Орка холдинг“ на Камчев потврдија дека двајца инспектори проверувале документација во „Монт“, која е дел од Орка, но тврдат дека немало ништо спорно. Но и дека тие не соработувале за кампањата со ВМРО-ДПМНЕ.

„Ниту компанијата Монт, ниту Орка Холдинг на било каков начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори. Маиците од компанијата Монт беа нарачани и набавени од страната на Polyesterday-компанија со која ние имаме долгогодишна соработка, а која во случајов е наш должник и станува збор за долг за кој веќе имаме испратено Опомена пред тужба до должникот“ - велат од Орка Холдинг.

ТВ 24 побара став и од компанијата Polyesterday, но не доби одговор.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат никакви долгови кон фирмите на Камчев. Но не откриваат кому останале должни.

За партијата ова е притисок врз сведоци и дефокусирање на јавноста, зашто власта е нервозна за случајот Рекет, посебно што утре Камчев и неговата сопруга Ана, ќе бидат првите сведоци во случајот „Рекет“.

Генералниот секретар на партијата минатата недела јавно го призна долгот.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе го преземе долгот од сметката и ќе го плати.“

Според Законот партиите отвораат посебни сметки за финансирање на кампањите кои по завршувањето на изборите се затвораат. Државниот завод за ревизија, ги контролира овие сметки но извештајот се уште не е објавен.

0 Коментари

Остави коментари