Полицијата го расчистува инцидентот на Кардиохирургија меѓу Јовев и Шокаровски

Полицијата работи на расчистување на вчерашниот инцидент на Универзитетската Клиника за кардиохихругија помеѓу актуелниот и екс директорот Шокаровски и Јовев. Снимките од камерите на клиниката се прегледуваат, а се разговара и со сведоци на настанот.

Актуелниот директор, Марјан Шокаровски за ТВ 24 вели дека не сака да го коментира инцидентот и ги отфрла обвинувањата дека вршел мобинг врз Јовев.

„Во интерес на истрагата, а со цел задржување на дигнитетот на вработените и пациентите на клиниката не би сакал да давам изјави во врска со вчерашниот немил настан и за попрецизни информации би упатил до МВР или обвинителството. Што се однесува околу мобингот, како е можно да вршиш мобинг на некој кој за прв пат се појавува на работа после 10-ти јули, во меѓувреме користи годишен одмор и е два месеци на боледување“, вели Шокаровски за ТВ 24.

Екс директорот, професор д-р Сашко Јовев денеска не одоговори на повиците на ТВ 24. Во изјава за неделникот Фокус рече дека тој не нападнал никого, туку пријавил напад. Се пожали и на секојдневен мобинг, како и на здравствени проблеми поради стрес на работното место.

Не е точно дека јас сум нападнал. Нападот е најдобра одбрана. Практично, јас пријавив вербален налад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата. Тој што сум пријавил сум јас. Се друго може да е монтажа, како и таа досега во последните неколку месеци. Јас лежам на кардиологија заради стрес. Инаку, сум жртва на секојдневен мобинг.“ - вели Јовев.

Како што соопштија од МВР, вчера во 10 часот до нив стигнало пријава од Клиниката дека вработен со иницијали С.Ј. вербално нападнал медицинска сестра, а потоа физички го нападнал директорот, по што ја напуштил клиниката. Но, потоа стигнало пријава и од С.Ј. во полициската станица Центар.

За инцидентот се огласи и министерот за здравство.

- Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити е запознаен со настанот од здравствените работници побара совесно и професионално однесување и да се посветат на пациентите. - велат од министерството.

Кардиохихрургот Сашко Јовев неодамна беше сменет од директорската позиција на клиниката, од страна на министерот Меџити, поради утврдени пропусти во неговото менаџирање, на што Јовев одговори дека дека се сомнева оти „пропустите“ се причина за неговото разрешување. Поддршка Јовев доби и од дел од вработените и пациентите. Актуелниот директор Марјан Шокаровски е на чело на клиниката од јуни годинава.