Полицијата бара судска наредба за да распише потерница за избеганиот Ремзи Мифтари

Несреќата во Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а околу 30 беа повредени, и по седум години повторно ја вознемирува јавноста. Иако постои правосилна одлука за издржување на 10-годишна затворска казна, органите на прогонот сè уште не можат да го пронајдат второобвинетиот за трагедијата во Ласкарци, Ремзи Мифтари.

Мифтари претходно не беше спроведен во Идризово, бидејќи поднесуваше лекарски уверенија за хернија на тестиси со кои го одложуваше извршувањето на казната.

Од Министерството за внатрешни работи за Телевизија 24 изјавија дека ОВР Гостивар се обиделе да го спроведат Мифтари во Казнено-поправниот дом, но откако констатирале дека тој не е достапен за органите на прогонот, бил известен Основниот суд во Гостивар. Оттаму додаваат дека засега нема централна потерница, но дека штом биде донесена одлука, истата ќе биде спроведена.

МВР

„ОВР Гостивар на 21.11.2025 година изготви допис во врска со барањето за приведување и спроведување на Р.М. во КПУ Затвор Идризово, откако истиот не бил пронајден, односно не бил достапен за органите на прогонот. Веднаш, по брза постапка од страна на полициски службеници од ПО Чегеране, дописот е доставен во Основен суд Гостивар за распишување потерница. Во однос на прашањето дали е распишана централна потерница, ве известуваме дека штом добиеме наредба од надлежен судски орган, истата веднаш ќе биде распишана“, велат од МВР.

Дел од родителите на загинатите се децидни дека системот, по којзнае кој пат, ги изневерил. Со неверување реагираат на бегството на Мифтари, посочувајќи дека лекарските дозволи биле спорни што, според нив, практиката го потврдила нивното сомнение... 

Според неофицијални информации, на граничните премини не е регистриран излез на Ремзи Мифтари, поради што постојат сомнежи дека тој се крие во државата. Покрај Мифтари, на по 10 години затвор е осуден и првообвинетиот, сопственикот на превозникот, Дурмиш Белули. 

Инаку, Трагичниот настан се случи во близина на селото Ласкарци, кога неисправен автобус полн со патници излета од патот.