Полицајците не признаа вина!
Започна судскиот процес за предметот во кој се обвинети 13 полициски службеници кои според обвинението постапувале во кочанската дискотека „Пулс“ на кобниот 16 март минатата година. Обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството, дел од обвинетите ги товари дека изготвениот план за акциска контрола, не бил званично одобрен со негово потпишување, тоа е сторено после критичниот настан. Во рамките на изготвувањето на планот не биле користени оперативни информации од терен. Други пак, ОЈОГОКК ги товари дека не постапувале во делот на намалување на последиците, односно ризикот кој се создал преку непружање и несоодветно непостапување во делот на заштита и извлекување на лица од „Пулс“.
Според застапничката на обвинението, обвинителката Спасенка Андонова од ОЈОГОКК, секој во рамки на својата дејност и должност придонеле да се реализираат сериозни последици прикажани преку бројки и сериозни последици кај граѓаните.
Спасенка Андонова-обвинителка од ОЈОГОКК: „Ќе се докажува точно улогата и позицијата на секој од обвинетите, во временскиот период кога постапувале. Кои се дејствијата кои ги преземале, односно не ги презеле тој временски период токму при вршењето на акциската контрола на клубот „Пулс“.
Според одбраната на еден од обвинетите полициски службеници, обвинението е нејасно и конфузно.
Зоран Зафирофски-адвокат на Мазум Рамаданов: „Во оваа постапка ќе докажуваме дека конкретно за полицискиот службеник Мазум Рамаданов, согласно планот за акциска контрола имал задача да легитимира малолетници. Да контролира точење на алкохол на малолетни лица и сето тоа го сторил.“
Родителите на загинатите деца, од „Здружението 16 март 2025“, велат дека вината мора да се лоцира и мора да има одговорност.
Александар Наунов-родител: „Гледале, слушале, знаеле, но денеска одденаш сите се претворија во немоќни набљудувачи. Додека вината кружи од еден на друг и мистериозно некаде исчезнува некаде по високите структури.“
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Пред неколку дена, Кривичниот суд ја донесе првата пресуда поврзана со диксотеката „Пулс“. Тројцата полициски службеници кои во одреден период во 2023 и 2024 година внеле неточни податоци за „Пулс“ добија условни. Судењето за предметот во кој се обвинети девет полициски службеници почнува следниот месец.
Судењето за пожарот кој настана на 16 март минатата година, го води судијката Диана Груевска Илиевска и продолжува во среда.

