Полемика меѓу обвинителството и бранителите за случајот “Пулс”

Остри тонови пред да се утврди почетокот на судскиот процес за најголемата трагедија во Македонија-пожарот кој изби во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март годинава. Во трагедијата 62 лица го изгубија животот меѓу кои млади, челнови на музичката група „ДНК“, а над 200 лица беа повредени

Откако адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска ги изнесе своите ставови за овој случај како бранител, во гостување во „Студио 10“ на Тв 24, јавниот обвинител Љупчо Коцевски остро реагираше до Адвокатската комора. Јошевска Анастасовска порача-ако на самиот старт на оваа долга правна битка, денот по утрото се познава, може да се очекува дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за сопствениот имиџ отколку за правната суштина на обвинението.

Сузана Јошевска-Анастасовска-адвокатка

 „Писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската Комора го чувствувам како притисок и директен напад врз мојата слобода на говор и професионална независност. Би сакала да го видам Јавното обвинителство со иста таква енергичност да реагира кога е отворено нападнато од извршната власт, бидејќи тоа е прашање на институционален интегритет, а не на лична суета. Во мојот јавен настап, во најмалку пет наврати јасно ја појаснив мојата улога како бранител на точно именуван обвинет во постапката, а не како независен правен експерт.“

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во писмото до Адвокатската комора остро реагирал за начинот на кој дел од адвокатите, јавно го коментирале поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Тој наведува дека адвокатката во гостувањето во Тв 24 изнесувала, наводно, некомплетни вистини, како и за тоа дека не и бил доставен доказниот материјал. Според Коцевски, Јошевска Анастасовска се обидувала на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција.

Љупчо Коцевски-државен јавен обвинител

„Ова е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките. Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата "Студио 10“ на Телевизија 24 на 08.10.2025 година како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. “

Според Коцевски, пред нас како држава е тежок и исклучително важен судски процес со кој треба да се испорача правда за сите жртви во кочанската трагедија. Според обвинението обвинети се 34 лица и три фирми. На сите обвинети ќе им се суди за делото „предизвикување тешки дела против општата сигурност“. Судскиот процес ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, но засега се уште не е одреден датумот за почеток на судскиот процес за една од најголемите трагедии во државата и најсмртоносниот пожар во Европа по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија во 2015 година.