Полека се стабилизира состојбата со поплавите во општина Чешиново-Облешево
Водата полека се повекува од поплавените места, а со тоа се нормализира состојбата во Општина Чешиново-Облешево откако изминативе денови поради обилните врнежи од дожд и зголемениот водостој беа поплавени семејни куќи, земјоделски и дворни површини, како и објекти за складирање.
Од денес се обезбедени и цистерни со вода за пиење за жителите на Чешиново и Облешево, бидејќи водата за пиење и понатаму не е технички исправна.
ЦУК
“Според информациите добиени од РЦУК Кочани и Општина Чешиново-Облешево, водата сеуште не е за пиење на местата кои беа зафатени со поплавата изминатиот викенд. За снабдување на населението со питка вода, од страна на општината се обезбедени цистерни со вода. Од Црвен Крст беше спроведена и акција за дотур на чиста вода за пиење и средства за хигиена. Активностите за санирање на поплавените места, поправката и чистење на каналот за наводнување продолжуваат и понатаму.“
Со стабилизирањето на временските услови надојдената вода постепено се повлекува во речното корито и каналските одводни системи. Но, жителите на полавените подрачја ги повикаа институциите да реагираат навреме и превентивно за ова повеќе да не им се случува.
Дополнителен проблем на мештаните од кочанските села кои што во саботата беа зафатени од полави претставува новата најава за врнежи од дожд, кои што метеоролозите ги најавуваат за следните денови. Тие стравуваат да не се случи поголема катастрофа.
Вчера заседаваше Општинскиот кризен штаб и беа донесени насоки за понатамошни мерки. По барање на Општината, на терен е ангажирана и механизација на „Бехтел и Енка“ за расчистување на Кочанска Река и одводните канали. Истовремено, населението започна со пријавување на штети.
Општината формираше Комисија за нивна проценка, а штом се создадат услови, ќе се спроведе и дезинфекција на поплавените подрачја со цел спречување на бактериолошка контаминација.

