ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ЗА „РЕКЕТ“ ПРОТИВ ЈОВАНОВСКИ, ЈАНЕВА, КИЧЕЕЦ
Foto

ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ЗА „РЕКЕТ“ ПРОТИВ ЈОВАНОВСКИ, ЈАНЕВА, КИЧЕЕЦ

Тројцата осомничени, сега се обвинети за „Рекет“. Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба. Му ја олеснила позицијата на Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ на СЈО, од „Шутка“ да заврши во домашен притвор, а се погрижила и да го добие назад пасошот. Освен мебелот кој беше запленет од домот на Јанева, поранешната специјална обвинителка за себе ќарила и поголема сума пари.

- „Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.“ - стои во обвинението.

Катица Јанева пак веста ја прими во болница. Имала болка во градите и утринава од „Шутка“ е спроведена во приватната клиника „Жан Митрев“ каде е и задржана. Докторите констатирале дека била во преднфарктна состојба.

- „Поради влошена здравствена состојба побарав да се однесе во приватната клиника „Жан Митрев“ на интернистичко кардиолошки преглед.Како пациент од високоризична група е примена таму и до сега сите испитувања укажуваат на сомнителна прединфарктна состоба. Итно ќе се прави коронографија и зависно сите испитувања задржана е на болничко лекување“ - изјави Ирена Фрчкоска, адвокат на Јанева.

Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец се обвинети дека примиле поткуп од 1,5 милиони евра. Јовановски се товари и за перење пари.

- „Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.- стои во обвинението.

Русковска со обвинението испратила и барање до судот за продолжување на притворот за тројцата обвинети за „Рекет“. Адвокатите на Јанева велат дека формално не барале спогодба со Русковска, откако таа вчера откри дека еден од осомничените барал да се спогоди со обвинителството.

Јанева е веќе месец и половина во притвор. И се заканува затворска казна од 3 до 10 години.. Јовановски пак е веќе трет месец во притвор, а Кичеец беше пуштен од „Шутка“ во куќен притвор.

0 Коментари

Остави коментари