Пократок полицискиот час во Грција
Foto

Пократок полицискиот час во Грција

Од денеска музиката повторно се враќа во угостителските објекти во Грција, а полицискиот час е пократок и ќе почнува во еден часот и 30 минути, наместо 30 минути поп полноќ како што беше досега, во рамките на дополнителното олабавување на мерките во земјата.

Со измените во полицискиот час, се продолжува и работното време на угостителските објекти до еден часот и 15 минути, а и понатаму ќе работат само во надворешните делови и само за посетители кои седат на маса.

Нема промени за ноќните клубови, дискотеките и внатрешните делови на угостителските објекти, кои продолжуваат да бидат затворени.

Паралелно, од денеска се зголемува и дозволениот број присутни на настаните на отворено од 50 на 75 отсто од капацитетот, во зависност од големината на просторот.

Според заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас доколку епидемиолошката слика во земјата е добра, од 1 јули целосно ќе биде укинат полицискиот час, а на прославите дозволени ќе бидат најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега.

Актуелните мерки во Грција, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.

Професорката и членка на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција Вана Папаевангелу на вчерашната редовна прес-конференција истакна дека епидемиолошката слика во земјата се подобрува, бројот на нови случаи е во просек под 1.000 дневно, намален е на 2,3 отсто процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, а хоспитализирани се 1.700 лица.

Од почетокот на епидемијата, во земјата има 413.954 заразени и 12.381 смртен случај.

Во однос на процесот на имунизација, заклучно со вчера, биле аплицирани вкупно 6.665.626 дози, над четири милиони граѓани ја примиле првата доза, а 2.660.260 се комплетно вакцинирани.

0 Коментари

Остави коментари