Поевтина струја за граѓаните или само идеја на хартија?

Ниту една од клучните енергетски институции засега не се подготвува за евентуална промена на моделот на тарифирање на потрошената струја, откако пред еден месец претседателот на Регулаторна Ацо Ристов најави можни измени на блоковскиот модел, а пред пет дена таквата можност ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски. Од Министерството за енергетика велат дека цените и тарифните модели не се во нивна надлежност, туку во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

„Во моментов не се прават пресметки во врска со евентуални промени на моделот на тарифирање, коишто се во доменот на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено и транспарентно ќе известува за сите тековни прашања и процеси коишто се во интерес на граѓаните и јавноста.“

Идејата што во гостување на ТВ24 ја предложи Ацо Ристов е ЕСМ да купува евтина струја од сончеви и ветерни електрани и да му ја продава на ЕВН Хоум, со што би се намалиле трошоците и би се создал простор за пониски сметки. Од ЕСМ не одговорија дали се подготвуваат за ваков модел, но велат дека веќе ги користат поволностите на пазарот, вклучително и набавки на струја по негативни цени, кога добиваат надомест за преземената електрична енергија.

„Наместо нерационално трошење на сопствените ресурси во периоди кога струјата на пазарот се нуди по екстремно ниски, па дури и негативни цени, компанијата штеди јаглен, мазут и вода во хидроакумулациите. Во контекст на прашањето, компанијата, по сложените состојби во кои беше затекната во 2024 година од финансиски и од техничко технолошки аспект, првпат после седум години бележи позитивни финансиски резултати во работењето за првиот квартал. Заштедата на трошоци и ресурси ја намали цената на произведената енергија од капацитети на АД ЕСМ од 113 евра во 2024 година, на 73,1 евра за првиот квартал од 2026 година.“

МЕПСО не е институција што одлучува за тарифниот модел, но од компанијата велат дека поддржуваат иницијативи кои би можеле да донесат поевтина струја за граѓаните. Сепак, предупредуваат дека пред евентуални измени се потребни детални анализи и проценки.

„Како оператор на електропреносниот систем, сме на став дека секогаш кога постојат поволни пазарни услови треба да се искористат можностите за обезбедување на електрична енергија по пониски цени. Впрочем, таков пристап МЕПСО го применува при набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносната мрежа. Секако дека секој предлог кој овозможува обезбедување на поевтина електрична енергија за домаќинствата и придонесува за намалување на трошоците во електроенергетскиот сектор е поддржан од страна на АД МЕПСО, но истиот треба да биде предмет на детални анализи од надлежните институции и пазарни учесници.“

Пред пет дена премиерот Мицкоски изјави дека Владата веќе разговара за можен нов модел кој би овозможил намалување на цената на струјата за граѓаните за меѓу пет и десет проценти. Според него, доколку анализите покажат дека моделот е одржлив и економски оправдан, неговата примена би можела да започне од почетокот на 2027 година.