Поетите Михаил Ренџов и Мирослав Биелик добитници на „Книжевен жезол“ за 2020 година
Foto

Поетите Михаил Ренџов и Мирослав Биелик добитници на „Книжевен жезол“ за 2020 година

Реномираната награда „Книжевен жезол“ за поетски опус што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) секоја година на еден домашен и на еден странски поет, оваа година им се доделува на македонскиот поетски маг Михаил Ренџов и на поетот Мирослав Биелик од Република Словачка.

Како што соопшти Друштвото на писатели, чествувањето на поетското творештво на овие писатели ќе се изрази преку објавување заедничка збирка поезија во рамки на традиционалната едиција на добитници на оваа награда, а со оглед на пандемиската ситуација, врачувањето на статуетките на вообичаен свечен собир во просториите на ДПМ се одлага за некои подобри времиња во втората половина на годинава.

– Михаил Ренџов (1936 година) е современ македонски писател кој се има пројавено во различни книжевни жанрови: разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод. Сепак, за поезијата може да се каже дека има централно место во неговиот опус и дека токму специфичниот поетски нерв е она што го чини уникатен неговиот авторски профил, се вели во соопштението.

Завршил гимназија во Штип, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1965 година. Автор е на дваесетина поетски книги: „Иселеник на огнот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“(1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982) (награда „Браќа Миладиновци“), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ ( сонети, 1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Шпил“ (1994), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998) (награда „Ацо Шопов“), „Псалми“ (2000), „Галичица“ (2007), „Окарина“, „Јас. Елегии“ (награда „Браќа Миладиновци“); на поемите „Тој“ (1993) и „Предвесница“ (2009) (и двете овенчани со наградата „Григор Прличев“), драмската поема „Апокалипса“ (2002); прозната книга „Захариј и други раскази“ (2004) („Рациново признание“); на книгите за деца „Сонување патување“ (1991) и „Ангела сонува“ (1998).

– Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонски еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија, додаваат од ДПМ.

0 Коментари

Остави коментари