Подрумските простории биле користени во киднапирањето на Вања

Подрумот во зградата каде живеела Вања Ѓорчевска бил искористен при нејзиното киднапирање. Таму таа била врзана, по што била ставена во вреќа за спиење, и изнесена од зградата, потврдуваат за ТВ 24 извори од истрагата.

Оваа информација го објаснува нејзиното незабележано грабнување од зградата која се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк и во чија околина има многу угостителски објекти, а со самото тоа и зголемена фрекфенција на луѓе, дури и во раните утрински часови. 

Клуч од подрумските простории, како и од влезната врата имал и првоосомничениот Љупчо Палевски, кој поседувал и имот во истата зграда. Како што е веќе познато, зградата е изградена од компанијата Уна Ентерпрајз, чиј сопственик бил Палевски.

„ПорталиX“ објави видео на кое се гледаат возилата украдениот „цитроен“ и бело „рено“ со кои, според информациите, била киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Според видеото, во „цитроенот“ се гледаат возач и совозач со црни капи, како и нешто што наликува на бела вреќа во задниот дел од возилото. Снимките покажуваат и чад од пожар на местото каде што подоцна е пронајдено опожареното возило, но и закопаното тело на убиеното девојче.

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, денеска Во изјава за медиуми по доделувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“ во Собранието на РМ рече дека овој случај не смее да добие политичка конотација. Затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете.

- Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид. - рече таа.

Европски Сојуз за промени бара власта да одговори дали Љупчо Палевски е вмешан во организацијата на случајот „Монструм“?!

- Кога министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека главниот осомничен кој го изврши убиството на Вања, како и неговите соработници, работеле за моќни антизападни центри, тогаш логично е да се сомневаме дека истите организатори на убиството на Вања, се вмешани и во организацијата на случајот „Монструм“ каде на грозоморен начин беа убиени пет млади момчиња. И сето тоа, во пресрет на верските празници, со цел преку меѓуетнички тензии да предизвикаат дестабилизација на општеството. Затоа, Европскиот Сојуз за Промени бара од Министерството за внатрешни работи и од правосудните истражни органи да излезат и јавно да ја информираат јавноста каде бил Љупчо Палевски - Палчо на 24 април 2012 година, денот кога се случи монтираниот случај "Монструм"? - рече Европски сојуз за промени.

Додека се очекува екстрадицијата на Љупчо Палевски од Турција, осомничените за киднапирањето и убиството на Вања и Панче ги застапува еден адвокат, одреден по службена должност.

Откако осомничените беа уапсени, низ социјалните мрежи се ширеше апел ниту еден адвокат да не прифати ангажман, а на истото повикуваа дури и адвокати. Сепак, за да случајот добие судска разрешница, неопходно е осомничените да имаат бранители, поради тежината на кривичното дело и притворот, поради што и им е одреден по службена должност.

Ова не значи дека истиот адвокат ќе ги брани осомничените и во судница. Нивните семејства ќе можат и лично да ангажираат адвокати, доколку не успеат да ангажираат адвокати, повторно ќе мора да ги застапува адвокат одреден по службена должност.