Подобрена состојбата на пациентот транспортиран од Турција
Пациентот кој беше транспортиран од Турција по тешка повреда на рбетниот мозок е во стабилна состојба и енадвор од животна опасност, вели директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски.
Тој информира дека пациентот е контактибилен, свесен, дише самостојно и веќе започнал да прима храна по природен пат, а во тек е и физикална терапија во единицата за интензивно лекување.
Дали ова лето се регистрирани вакви случаи како што е со пациентот транспортиран од Турција со повреди при скокови во плитка вода, Мерџановски рече дека на Клиниката годинава нема примено такви пациенти, освен момчето кое се повредило во Турција.
Вчера, 28-годишниот скопјанец со владиниот авион беше транспортиран од Турција, поради тешки повреди на вратните пршлени здобиени при пад од тобоган. На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во болница во Кушадаси, каде што беше задржан до вчера.
За време на транспортот, пациентот бил придружуван од медицински тим. Македонија нема медицински транспортен авион, па затоа за вакви транспорти се употребува малиот владин авион. Поради силната партиска поларизација и меѓусебните обвинувања на релација власт –опозиција во февруари годинава Владата се повлече од намерата да купи нов владин авион.

