Поднесено обвинение за инцидентот со Пендиков, еден од напаѓачите сè уште е во бегство
Охридското Обвинителството поднесе Обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков.
„Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 1 во врска со став 2 и во врска со член 22 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството без да прецизираат дека станува збор токму за напаѓачот на Пендиков.
Според Обвинителството, обвинетиот заедно со уште едно лице кое до овој момент е непознато, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно го повредиле оштетениот. Едниот од обвинетите во истражната постапка се бранел со молчење, се дознава од соопштението.
„На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот“ соопшти Обвинителството, кое побара и продолжување на притворот.

