Поднесен обвинителен предлог за злоупотреби против поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчески, тој за ТВ 24 вели – ќе се докажувам пред суд

Го користел владиниот авион за приватни потреби и без да постои основ за упатување на службен пат надвор од земјата, за себе и за повеќемина вработени во Службата за општи и заеднички работи потпишувал решенија и патни налози за патување – ова стои во соопштението од Обвинителството кое поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на владината Служба - Пеце Мирчевски.  

Мирчевски се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања.

ЈОРСМ 

- За приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион Лирџет 60, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Освен тоа, за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано користел средства од службената картичка издадена на негово име. На тој начин го оштетил Буџетот на СОЗР за значителен вкупен износ од 2.562.139 денари. 

Обвинителството го товари и за фалсификување на службени исправи во постапките за јавни набавки за изнајмување возила. 

Во изјавите за непостоење судир на интереси, како што се наведува, внел невистинити податоци дека нема приватен интерес, иако тој и неговата сопруга користеле возила без надоместок од фирмата што ги добила договорите за јавните набавки.

ЈОРСМ

- Сите договори биле склучени со иста рент-а-кар фирма од Скопје, а во службените исправи – изјави за непостоење на судир на интереси, обвинетиот внел невистинити податоци дека нема приватен интерес при реализација на јавната набавка или каква било материјална или нематеријална корист. Наспроти ова, почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство. 

Мирчевски во краток телефонски разговор за ТВ 24 одби да даде изјава – само порача дека правдата ќе ја докажува на суд. 

Тој беше назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата на Зоран Заев во 2017-та, а во 2020-та беше реизбрбан на истата позиција на која остана до 2024 година. Тој имаше и партиска функција како претседавач на Централниот одбор на СДСМ.