Подемот и падот на Венко Филипче
Европски модерен здравствен систем - ова беше целта на Венко Филипче кога стапи на функцијата министер за здравство во 2017-та година.
„Мислам дека имаме одличен план и сериозен капацитет да добро го реформираме нашиот здравствен систем и да стане модерен и европски здравствен систем“. - Министер за здравство, Венко Филипче.
Министерувањето на Филипче започна со скандалот со 35 милионскиот тендер за набавка на реагенси. Откако во јавноста се обелодени дека го добила фирма која била формирана само 4 месеци пред распишувањето на јавната набавка, но и по низата рекации во јавноста - Филипче го поништи тендерот.
Јавното приватно партнерство во службата за брза помош беше исто така тема на дебата која ја отвори министерот Филипче. По низата физибилити студии, но и критики од стручната јавност, ваквата идеја се повлече.
Новиот клинички центар остана неостварено ветување на Филипче. Откако се поништи тендерот на претходната Влада, следуваа неколку неуспешни обиди за старт на изградбата, за на крај Законот за новиот клинички центар според кој требаше да почне да се гради во Ѓорче Петров остана заглавен во Собранието поради блокирањето од страна на опозицијата.
Министерувањето на Филипче ќе го одбележи и пандемијата со КОВИД 19. Доброто менаџирање на почетокот, смиреноста и транспарентноста кои ги покажа за време на најголемата здравстена криза, му го зголемија рејтингот и довербата, па така стана најпопуларен меѓу министрите, а се појави и паролата Слушај го Венко. По ова Филипче ја доби и партиската функција односно стана потпретседател на СДСМ .
Но подоцна токму пандемијата му донесе и низа критики, меѓу кои и дозволувањето на приватните болници и лаборатории да профитираат на грбот на граѓаните, високата смртност од ковид во земјава, како и задоцнетата набавка на вакцини.
Како министер она што успеа да направи се измените во контроверзниот закон за абортус, Филипче успеа да ги и реши дел од проблемите на пациентите со ретки болести кои се соочуваа со недостаток од лекови и терапии, ги зголеми платите на здравствените работници, а го укина и паралелниот увоз на лекови.
Се соочи и со низа протести особено од младите лекари и специјализанти – на кои успеа да ги реши дел од проблемите и барањата за подобрување на условите како што е долгогодишното барање за платени дежурства и здравствено осигурување.
Лично вели Филипче е горд што во креирањето на здравствените политики ги вклучи неговите колеги, здравствените работници но и пациентите како и сите други чинители во здравството.
„Горд сум што имавме одлична соработка и координација со едни од најтешките периоди во историјата на државата и покажавме ние здравствените работници дека со ентузијазам може да се успее во реоргљанизација на здравствениот систем и успеавме да обезебедиме соодветен третман за сите пациенти, горд сум што сите чинители учествуваа во креирањето на политиките“. - Министер за здравство, Венко Филипче.
Она што веројатно значеше почеток на крајот на политичката кариера на Венко Филипче е пожарот во модуларната болница во Тетово во кој изгореа 14 пациенти. Тактизирањето со неговата оставка од морални причини го стопи рејтингот што претходно го уживаше. Сепак, крајот на министерувањето на Филипче доаѓа како резултат на полтички пазарења на неговата партија - за задржување на власта.
Раководството со здравството треба да го преземе стоматологот Беким Сали од партијата Алтернатива, а за кого Филипче денеска упати порака.
„Во однос на пораката за било кој фунцкионер отсега па натаму да биде отворен, транспарентен и достапен за новинарите во било кое време“. - Министер за здравство, Венко Филипче.
По четири години раководење со здравството, Венко Филипче се враќа на Клиниката за неврохиргија каде работи и каде важи како еден од најдобрите неврохирурзи.

