Поддршка и двојни стандарди за Македонија?!

Да се стави крај на двојните стандарди тоа не е европски манир. Ова е пораката која претседателката Сиљановска-Давкова и ја испратила на шефицата на европската дипломатија Каја Калас, пренесе МИА.

Во пресрет на нејзиното обраќање во Обединетите Нации, Сиљановска присуствуваше на приемот за лидерите од Западен Балкан, чиј домаќин беше Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ на маргините на 80. Генерално собрание на Обединетите нации што неделава се одржува во Њујорк. 

Гордана Сиљановска Давкова  - Укажувам на ставање крај на двојните стандарди бидејќи тоа не е европски манир, не е европска пракса, не би требало да биде европска пракса. Значи, за мене е антиевропско однесување, но тоа постојано се практикува во Европската унија. Исто така, реков дека е важно Западниот Балкан да го перципира како целина и дека ако има расчекор во чекорењето меѓу земјите од Западен Балкан тоа може да предизвика дополнително поделби наместо обединување.

Каја Калас, за време на заедничката тн. семејна фотографија, без многу детали, само кратко изјави, дека Западен Балкан е многу важен за Европската Унија, но и дека разговорите биле искрени. 

Шефот на дипломатијата Муцунски, пак, порача дека делегацијата во Њујорк ги користи можностите за афирмација на македонските позиции. Муцунски имал средба со министерот за надворешни работи на Кипар државата која ќе ја преземе палката за претседавање со ЕУ, од 1ви јануари 2026та. 

Делегацијата во Њујорк ја предводи шефицата на државата Сиљановска Давкова. Вчера, заедно со министрите Муцунски и Муртезани, имаа средба и со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш, каде се отворила темата европската интеграција на земјата. 

Гордана Сиљановска Давкова - Тој рече дека стои зад нас и дека ова секаде ќе го повторува. Се разбира добро е да чуете ваков став и да добиете поддршка од првиот човек на Обединетите нации заради неговото богато дипломатско искуство во кое и ние сме биле вклучени како земја која што кога имала проблеми се нашла на дневниот ред на неговата агенда.

Давкова вечерва ќе има обраќање во Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.