Почнуваат преговорите со „Бехтел и Енка“ за автопатите на коридорите 8 и 10-д, годинава старт на изградбата
Владата ќе гради четири автопати во вкупна должина од 123 километри. Земјава ќе се поврзе со Албанија со делницата Требеништа - Струга - Ќафасан. Со автопат ќе има и помеѓу Прилеп и Битола.
Од Тетово до Гостивар, а потоа и до Букојчани ќе се вози по делница со три ленти во еден и исто толку во спротивен правец. Но, ова ќе се случи откако фирмата консултант ИРД ќе успее да се договори за цена и рокови со изведувачот Бехтел и Енка. Премиерот и ресорните министри и директори денеска потпишаа договор со ИРД, која освен правни консултации, треба да биде и надзор во изградбата на четирите автопати.
Преговорите со американско - турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ почнуваат утре, а ако завршат успешно, градежните активности се очекува да почнат во текот на годинава. Кога ќе бидат готови новите ќетири автопати, ќе се знае откако ќе биде постигна договорот. За македонските власти, овој проект е еден од најзначајните во историјата.
Првиот човек на консултантот и надзор ИРД, Паоло Орсини вети дека овие автопатишта ќе личат на оние во земјите на Европската унија.
Неговата компанија беше избрана за консултант и надзор во декември лани, на вториот тендер, откако првата постапка беше поништена. Претходно избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди бараната банкарска гаранција.
Лани Владата ја избра „Бехтел и Енка”, а Собранието со Закон ја утврди оваа фирма како стратешки партнер за овој проект. Премиерот деновиве се пофали дека во последните шест години Владата изградила стоици километри автопатишта, а успеала да го управи и да го доведе при крај автопатот Кичево - Охрид.
На ова реагираше опозицијата, која ја обвини власта дека ги пумпа бројките.