Почнува најмасовната статистичка операција - попис
По речиси 20 години утре во 8 часот наутро започнува пребројувањето на населението. Се е подготвено за стартот на пописот. Ќе се спроведува безбедно со почитување на здравствените протоколи - надлежните уверуваат не постои никаква шанса за ширење на вирусот.
Директорот на Државниот завод за статистика вели институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите. Вели нема можност некој да биде изоставен од попишувањето, решение има и за оние кои нема да бидат затекнати во своите домови кога попишувачите ќе тропнат на врата, но и за оние граѓание кои ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи.
„Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето. Во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани, бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.“ - изјави Апостол Симовски-Директор на Државен завод за статистика.
Од здравствените власти на дневна основа во Државниот завод за статистика ќе стигаат списоци каде има заболени и лица во изолација - за кои има посебни протоколи како да се постапува во попишувањето.
„„Никој не смее да биде изоставен во најголемата статистичка операција во земјава, затоа што на тој начин покажуваме дека постоиме. За оние кои се плашат од ширење на заразата посебно би сакал да истакнам дека нашите попишувачи максимално ќе ги почитуваат и применуваат заштитните мерки пропишани во протоколот за спроведување на попис за време на ковид. “ - вели Иљми Селами заменик директор на ДЗС.
Дека не постои никаква шанса за ширење на Ковид 19 уверува и министерот за правда.
„Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици кои се говорат во РСМ. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика.“ - изјави Бојан Маричиќ-Министер за правда.
Првично пописот требаше да се одржи од 1 до 21 април, но поради пандемијата со Ковид 19 иститот беше одложен. На помош онаму каде што ќе биде потребно ќе се ангажира и администрацијата.
Пописот ќе трае до 30 септември. За оние граѓани кои одбијат да дадат податоци што се бараат од нив или пак ќе дадат неточни податоци - законот предвидува и казни од 200 до 300 евра. Резултатите од пописот треба да бидат објавени во рок од 6 месеци по неговото завршување.