Почнува Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

Од денеска до 27 август во Скопје ќе се одржува Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Проекциите ќе се одвиваат во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Фестивалот почнува вечер во 20:30 часот, во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Програмата ќе биде отворена со документарниот филм „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес на 21 август, во 21 часот, во Куршумли ан. Двајцата автори не само што ќе бидат гости на 17. издание на „МакеДокс“, туку и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм.

Покрај филмската програма, на 17. „МакеДокс“ ќе се одржат две панел-дискусии со пошироко јавно значење.

Панел-дискусијата со тематски наслов „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ ќе се одржи на 24 август (понеделник), со почеток во 13 часот, во „Лабораториум“ и ќе се обиде да даде одговор на прашањето: Каде исчезнаа кината?

Скопје денес се соочува со сериозен недостаток на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство. Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.