Почнува Делфи економскиот форум во Грција – учествуваат министерката Божиновска и заменик шефот на дипломатијата Димитровски

Под наслов „Шокот на новото“, со учество на 1.200 говорници – 760 од Грција и 440 од странство, меѓу кои и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, со планирани над 200 дискусии, во грчкиот планински град со античко и историско значење Делфи од денеска до сабота се одржува 11-от Економски форум, јави дописничката на МИА од Атина.

Форумот точно напладне свечено ќе го отворат претседателот на Грција Константинос Тасулас, претседателот на Естонија Алар Карис и принцот Алберт Втори од Монако, а на четиридневната конференција ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки, премиерот на Албанија Еди Рама, европската обвинителка Лаура Ковеши, претставници на ЕУ, министри за надворешни работи, како и министри од грчката Влада.

На прес-конференцијата во Атина во средата, основачот и претседателот на Делфи форумот Симеон Цомокос и потпретседателот Јанис Томатис ги презентираа деталите за годишната конференција што ќе опфати пет тематски целини: геополитика и меѓународна безбедност; климатска криза и енергетика; одржлива економија и развој; технологија, како и луѓето и општеството.