Почна уривањето на нелегалните објекти на најатрактивните плажи во Охрид

Под силно полициско обезбедување утринава почна уривањето на најатрактивните градски плажи на охридското крајбрежје. Се отстрануваше платформата пред објектот „Куба Либре“. Претходно им беше исклучена и струјата. Адвокатот на сопствениците вели се урива без решение за такво нешто што е крајно незаконски.

Ваквата акција прави огромна штета не само врз објектите и туризмот, туку и врз животите на сите кои со години работеле и егзистирале од тие работни места кои сега ќе ги изгубат додава адвокатот.

Но од Општинатa не попуштаат под притисоците и реакциите во јавноста и велат дека акцијата нема да стагнира.

„Никој не може и не смее да биде над законите и интересите на Охрид. Денеска градежната механизација и работните екипи ангажирани од општина Охрид започнаа со активности за отстранување на платформите на плажите „Куба Либре“, „Кадмо“ и „Бела Виста“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план, но немаат договори за концесија. Исто така, во текот на наредните денови ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“. Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите" - пишуваат од локалната самоуправа.

Со последните акции продолжува расчистувањето на објектите на плажите, кое до неодамна беше најактивно пред Авто кампот „Елешец“ и плажата „Atlantic“, односно на плажите после хотелот „Метропол“.